апр
21

Деновиве се врти веста за професорот кој непристојно ја допирал ученичката во школскиот кабинет. Најнова  и верувам – за жал, не и последна. Па се сетив на еден подамнешен разговор со мои пријатели, во врска со  интернетот, безбедноста на податоците на нет и сл….

И спомнувам јас дека имам семејни фотографии на Фејсбук, на некои форуми, имам на фотобукет албум… на што почнаа да реагираат, да ме напаѓаат, дека не внимавам, па тоа е опасно оти нели може било кој да ги гледа фотографиите и кој знае што да прави со нив…бидејќи нели педофилите најмногу ги има токму тука, на интернетот….Не помага ниту шифра, ниту опција за приватност на податоците, секој може лесно да ги пробие и т.н. ме убедуваат.

- Хм, се сложувам со вас, но сепак, нема да ги симнам сликите !- им велам

Ме гледаат збунето и чекаат образложение на мојот став.

- Знаете, мене повеќе ме плашат оние педофили кои се меѓу нас. Го носам детето во парк, игротека, на прошетка низ град…Еве лето иде и на плажа ќе одиме…Јас ( а и секој од нас кои сме овде) поим немам кој со какви очи го гледа. Дали можеби некој во тој момент го фотографира, и што потоа ќе прави со тие фотографии. Страшно и непријатно, но така е… А оние кои ни се во близина – можеби некој роднина, сосед, учител… Е тоа мене ме плаши! Луѓето во кои имаме доверба….

мар
18

- Мамо, додека те чекавме со тато во колава, видов многу ѕвезди за тебе, на небото!

- Навистина? Па тоа е прекрасно, Никола!

- Да имав сега една ракета, ќе се качев да ти ги наберам!

- Злато мамино, ти благодарам! Тоа е најубавото нешто кое си ми го кажал.

Ама тука мама Ане се излажа. По некоја минута молк, синко мој продолжува:

- Мамо, ти ги сакаш небото, облачињата и ѕвездите, нели?

- Да сине, ги сакам.

- Јас кога ќе пораснам, ќе станам пилот на ракета и ќе те земам тебе, ќе те однесам гоооооре високо, да ги видиш ѕвездите и облачињата и да ги допреш.

фев
14

Уште еден роденден прославивме.
Петти.
Кога помина толки време?
А како вчера да беше кога прв пат го запознав и не можев цела ноќ од радост и возбуда да заспијам. Болки по ЦР – кој можеше да мисли на нив додека го гледа она мило лице како мирно спие?
Прв допир. Прв бакнеж. Мирисот негов кој сеуште го чувствувам…мммммм
Како само копнеев по тоа.
Десет години.
И мислев дека никогаш нема да го доживеам тоа најубаво чувство- нов живот како се создава во мене.
Едно прекрасно суштество кое носи дел од мене во себе, како го гушкам и бакнувам, мазам….
А годините минуваа..
Колку само солзи голтав додека ме прашуваа што уште чекаме, па кога мислам да родам дете и создадам семејство.
По секој неуспех.
Како само лажев – да завршам факултет, да најдам работа, па уште малку да прошетаме, имаме време млади сме – и тоа со насмевка на лицето.
А навечер во темнината на мојата соба, кога никој не ме гледа, се гушев во солзи. Се борев со тагата.
- Е, ти си многу храбра, колку лесно поднесуваш се! – беше нешто кое често го слушав. И само потврдував без зборови, со насмевка. А во себе врескав – Не, не сум храбра!!!
Она кое нема да те скрши, ќе те направи посилна – велат луѓето.
Мене тоа ме скрши. Остави трага која ќе jа носам цел живот. И која не може да се избрише.
Не е важно. Тој е сега тука. Ме прави среќна.
Имам за кого да живеам, за кого да се борам.
Сега ме шибаат други ветрови.
Се борам, паѓам, станувам – бидејќи тој е тука.
Мојот единец.
Мојата среќа.
Мојот живот.

август 2010

Category: лично  9 Comments
ное
19

- И велиш, ништо твоите за работа?
- Ништо.  Џабе завршија на време факултети.  Ни работа, ни бутур.
- А што да правиш. Лошо време дојде за сите. Немаштија голема. Пак ние нешто видовме во нашето време и можевме да работиме и да си дозволиме некои работи. А тие? Ништо….
- Тоа е. Пропаѓаат фирми, бркаат луѓе од работа, а не да вработуваат. Синот седи дома со завршен економски факултет и тоа со добар просек. Сега вели се мисли да си ја бара среќата во странство. Ќерката запиша постдипломски, па правеше пауза, велеше немала воља да продолжи. Па сега пак запна со надеж дека и таа ќе си ја најде среќата надвор.
- Еее во наше време. Ќе завршевме школо, па можеше и со средно да се вработиш, па после ако сакаш да студираш. Па како ќе завршиш и унапредување ќе добиеш. И така до пензија ќе стасаш.
- Да и се знаеше бре некој ред. Ако вреди човек оди напред во работата. Денес, ако не си партиски и немаш некој позади себе, утре да се пожали некој ќе се најдеш на улица.  А кај вас како е?
- Синот со девојката отворија архитектонско биро. Мажот ми си седи во пензија и ужива, за разлика од мене. Што ако останав во пензија.
- Зошто?
- Па одам кај брат ми во фирмата му помагам. Неможе да најде асален човек да му работи во маркетинг. Кој ќе му помогне, ако не јас. Не се издржува, мачно е, ама како да го одбијам. А башка и не се малку пари и ко ќе видиш дека не мора да ме пријави, уште еден плус за него.  Што да правиш, мора да се снаоѓа секој како знае и умее. Ах, еве, стигнав јас овде слегувам. Ај поздрав по дома кај тебе, па дојдете некогаш бре се заборавивме скроз.

ное
15

P131110_11.23

Прв пат кога влегов во Универзална сала да го следам фестивалот на детски песни „Златно славејче„ беше сигурно пред околу 30-тина години (можеби и помалку) . И тоа од училиште, не носеа сите одделенија заедно со автобус.  На радоста и немаше крај.  И се сеќавам уште тогаш си помислив, што ќе биде за десетина години? Дали ќе постои сеуште овој интересен фестивал? Дали ќе го гледаат уште многу генерации со ист интерес како нас?

Ете, поминаа 40 години и Славејчето, сеуште ни пее. И тоа успешно.

Повторно го следев во саботата, овој пат како мајка со својот син, кој од сите детски фестивали на кои сме биле, само за него сеуште се интересира. На едни заспиваше, на други се досадуваше и сакаше да си оди….Но, на овој фестивал му е интересно и се радува кога ќе дојде време да го гледаме. Инаку ова е трет пат како одиме, за неговите 5 години возраст.

И додека седевме таму во салата се сетив на оној миг од пред 30тина години и ми се причини како да застанало времето. Пак полна сала, пак убави песни, пак весели лица на сцена и во публика (а за „тепачката„ за билети, во некоја друга прилика).
Да, ме израдува тоа и ме обли некоја топлина, убаво чувство. Колку убав фестивал си имаме и е само наш. Доказ дека нешто ако вреди, ако се работи со љубов и од срце, може да успее, да опстане. Можеби тајната е во тоа што колку и да се менуваат нештата и се следат трендовите, сепак има нешто кое го прави посебно – песните кои таму се пеат. Сеуште го имаат оној посебен призвук, мелодија ( не знам кој термин е посоодветен) а и порака која ја носат. Овде нема да слушнете песни во кои се фали некој како има скапа кола, дали играл игрици на компјутер, дали има скапи очила и тн. Овде песничките сеуште носат позитивни и убави пораки.

Можеби, мала забелешка или ете да речам на некој начин му фали – поубава, побогата сцена, поголемо хорче, настапи со оркестар и диригент во живо – или можеби јас сум носталгична, не знам. Но сепак, би требало да се најде начин да се помогне некако и да се придонесе уште повеќе, со уште поголем сјај и убавина да им се донесе на дечињата, оти не се малку 40 години постоење, кога гледаме и знаеме како е лесно да се уништи нешто преку ноќ.

Како и да е – Среќен ти 40ти роденден Златно славејче и да ни опстојуваш уште долго. Честито награда 13ти Ноември.

П.С. Со нетрпение го чекаме изненадувањето кое ни го најавија за во декември, а ни го подготвуваат токму тие – Златните славејчиња.

ное
05

Пак се вртам во круг.
Маѓепсан круг од кој нема излез.
Таман ќе помислам дека нешто се сменилно, пак ништо.
Ќе здогледам мала искра надеж, но ќе ја снема брзо.
Ќе ја проголта темнината…

Не сакам кога ме обзема,
кога ме гуши и јаде,
кога ме кине одвнатре.

Се плашам да се израдувам на било што.
Се плашам барем малку да покажам дека сеуште се надевам на нешто убаво.
Се плашам да бидам барем малку среќна….

ное
02

Убави вести од драги луѓе, ме прават среќна.
Прават да се чувствувам убаво и да заборавам на реалноста и она кое ме мачи, барем за миг.
Посакувам овој миг да потрае  што подолго.
Одамна ваква среќа и радост не сум почувствувала.
Ми недостигаше ова чувство.
Може ли некако да го заробам во себе?
Ми треба …

Category: лично  3 Comments
окт
09

- Здраво! Веќе неколку дена те гледам доаѓаш овде и секогаш кога ќе посакам да ти пријдам мистериозно исчезнуваш..

- Аха…!?

- Па, ова…би можеле подобро да се запознаеме.

- Зошто мислиш дека ме интересираш?

- Ако не се запознаеме, нема да знаеме дали и што сме пропуштиле…Ми се допаѓа твојот поглед, насмевката…

- Чекај, ти мене ме забележа и посака да ме запознаеш затоа што те привлеков со насмевката, погледот, а друго ништо не е важно?

- Па добро, дај шанса да се запознаеме.

Продолжија да муабетат некое време, и тој се повеќе беше воодушевен од нејзе. Не само што изгледаше убаво, туку беше и многу паметна, со одлична смисла за хумор, забава и весела девојка. Во еден миг таа стана:

- Извини ме на кратко, само да го земам мобилниот од џебот на капутот.

Стана и кога почна да оди не можеше да им поверува на своите очи. Одвај се движеше, а телото и се извиткуваше целото, додека тешко се обидуваше да направи чекор. Кога се враќаше кон него, не можеше да не го забележи неговиот запрепастен поглед. Знаеше зошто.

- Тоа ми е од сообраќајна незгода. Имав среќа што ми ја спасија ногата….

- ОК, ја сега би требало да тргнам. Заборавив дека имам некои обврски, па…

- А со автомобил си? Ако одиме во ист правец, можеш да ме префрлиш.

- Па…да…би можел – одвај изусти.

Тргнаа кон автомобилот. „Ох, Боже, колку убава и паметна девојка, а така е унаказена. Не можам да поверувам„ – цело време додека зборуваа му се вртеа истите мисли низ глава.

- Еве, јас сум овде. Па, се слушаме се надевам – рече таа.

- Хм, да. Се надевам, ќе се сретнеме повторно – се обидуваше да ја избегне непријатната ситуација, не сакајќи да ја повреди.

- ОК, чао- излезе полека од автомобилот, ја лупна вратата и пред да тргне, се сврте, чукна на прозорецот.

- Телефонскиот број!

- Молам?

- Не ги разменивме телефонските броеви.

- А, да – му идеше да пропадне во земја, не знаејќи што да одговори и одвај чекаше  да ја прекине непријатната ситуација, да си замине.

- Знам и зошто. Пак се покажа дека е вистина – важен е пред се физичкиот изглед, нели?

Остана да ја гледа со подзината уста додека се оддалечуваше, одејќи исправено и сосема нормално.

авг
09

Ги знаете оние мејлови со поучни приказни со интересен (и поучен крај) кои кружат по интернет и ги добивате барем сто пати во годината? Е секогаш кога ќе добиев некоја таква приказна, ќе ја прочитав и си помислував дека тоа е одлично напишано дело од некој кој е талентиран за пишување. Секако, ми се допаѓаа и некои ми оставаа посилен, а некои послаб впечаток.
Една приказна која многу ме трогна е онаа која носи одговор на прашањето, зошто секогаш кога се караме се дереме, а тоа е дека со нас владеат негативните емоции, поради кои срцата ни се оддалечуваат и ние викаме посилно за да се чуеме. Додека кога зборуваме некому со љубов, тогаш зборуваме потивко, бидејќи срцата под влијание на љубовта и позитивните емоции ни се приближуваат.
Така некако одеше приказната, не се сеќавам баш точно, само знам дека многу ме трогна и токму денес се сетив на нејзе. И си помислив – колку е точна.
А на тоа ме научи мојот петгодишен син. Со едноставен, а толку моќен пример…
Имено, по секое јадење, (а и пред тоа) Н. задолжително ги мие рачињата. Бидејќи чешмата во купатилото ни е прилично висока (барем за него) и тешко му е сам да ја пушти, секогаш мора да оди некој со него. Денес за таа улога се понуди нашата гостинка Л. , која ни беше на гости во текот на викендот. Влегоа заедно во купатилото и по некоја минута слушам подвриснуваат, се смејат, се кикотат. Излегуваат заедно од купатилото смеејќи се, а тој целиот мокар во лицето, косата, маицата…Мене ми се стемни пред очи, оти брзавме да се спремиме и излеземе, па почнав нервозно да го карам:
- Како можеше тоа да го сториш? Погледни се каков си целиот мокар!!! И маицата и косата и лицето!
А тој ме гледа со насмевка на лицето која полека исчезнува, додека нервозна го носам во бањата каде барам пешкир да го избришам и да му ја соблечам водената маица.
Она кое ми се допаѓа кај него е тоа кога нешто ќе направи што не смее и знае дека е виновен, молчи додека го караме. А ако не е виновен, тогаш се кара и се правда.
Продолжувам јас да му делам лекции, а тој сега веќе ме гледа сериозно и ништо не зборува. Само се обидува да дојде до збор, за да накратко ми објасни дека тоа е поради чешмата која нагло ја пуштиле, па почнала да ги прска водата (а знам дека тоа намерно го направиле и затоа се нервирам), но гледајќи дека нема цел да се расправа со мене, замолчува.
Одам налутена во соба и го викам да дојде и да облече нова маица. Доаѓа, застанува покрај мене, ме гледа сериозно и тивко ми вели нешто кое никогаш нема да го заборавам:
- Мамо, па минатиот пат кога ми се случи тоа ти толку убаво се смееше. И јас сакав сега пак да те насмеам. Само ти правев смешка!

Што можев да му одговорам на петгодишно дете кое сака да ја гледа мама насмеана, освен да го прегрнам, да му се извинам за начинот на кој зборував со него и да се обидам да најдам начин да му објаснам зошто и како токму сега ме налути нешто кое пред некој ден ме насмеа?

јул
22
Ќе направам скали од облаци
и лесно ќе влезам во твојот сон
да не те разбудам.
Со најнежен допир од прстите
ќе ти ја помилувам косата.
Најубава пајажина од бакнежи
ќе исплетат моите усни на твоето лице.
Не, немој да се будиш!
Ќе знаеш дека тоа сум јас
по мирисот на телото
и нежноста на допирите
Не, немој да се будиш!
Само тука сум само твоја.
87911057